Од Општина Тетово денес информираат дека вчерашното целосно затрупување на патот од градот кон месноста Бањиче е дел од градежните работи кои се преземаат на планината со цел да се спречат одрони. Според нивната објава ваквите активности на тој дел ќе продолжат во наредните денови со цел да се отстранат одронатите карпи, камења и земја како и да се спречат нови одрони.
-Свлечиштето на патот кон месноста Бањиче – Тетово е последица на планираните работни активности околу средување на теренот на неколку критични точки каде има појава на одрони. За оваа цел, општина Тетово веќе две недели ангажира машинерија и работни тимови кои работат на израмнување на падините во горниот дел на патот Бањиче со цел долгорочно решавање на овој проблем. Работните активности ќе продолжат во наредните денови до целосно отстранување на потенцијалната опасност за граѓаните кои се движат на терените на оваа рекреативна област на градот, се вели во соопштнието на Општина Тетово.
Вчера во раните попладневни часови целосно затрупан беше патот од Тетово кон месноста Бањиче. Карпи,камења и земја наназад неколку денови се најдоа и во коритото на река Пена.
Во текот на зимските месеци во неколку наврати поголеми делови од карпи и големи камења почнаа да се одронуваат и да паѓаат долж патот кон месноста Бањиче.
А.С