Општина Тетово испрати допис до медиумите со цел да се известат граѓаните дека на улицата „Страшо Пинџур“ ќе прекине вчера почната реконструкција поради несогласувањата и реакциите кај дел од советниците од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“. Сега од општината велат дека ќе чекаат од тие советници предлози како да се продолжи со работа.
Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, беше присутен на почетокот на работите , каде пред граѓаните и новинарите истакна дека проектот вклучува нова водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација, отстранување на старите дрвја и нивна замена со нови дрвореди согласно проектот.
– Општината ќе чека појаснување од советниците од Листата „Подобро за Тетово“, за нивните реакции и каков е нивниот предлог да се продолжи со работа. Веќе е познато дека оваа улица е непроодна повеќе од една година, а најголеми загуби имаат стопанствениците на локали кои работат во овој дел од градот и граѓаните кои секојдневно се движат на оваа патна оска. Сите ја разбираме важноста на животната средина и поради оваа причина потенциравме дека ќе бидат засадени нови дрвја. Бараме извинување и разбирање од граѓаните за прекинот на работите, но гарантираме дека по решавањето на споровите, работите ќе продолжат според планираното, се вели во дописот од Општина Тетово.
Граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ и други организации вчера реагираа на тоа што поради реконструкцијата се исечени десетици дрвја. Тие истакнаа дека не било потребно да се сечат дрвјата бидејќи не се менува профилот на улицата туку само се реконструираат материјалите и елементите на коловозната лента и тротоарите.