Со свеченост беше отворена изложбата на слики насловени „Хрватска низ времето“, вечерва во фоајето на Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, која ја организираше тетовското Македонско-хрватско друштво (МХД). Автори на ликовните дела се 20 учесници од двомесечната ликовна работилница на МХД, под менторство на м-р Славчо Максимовски.
-Јас сум пријатно изненадена со овие изработки кои ги видов, импресионирана сум, не можам да верувам дека се тоа цртежи на деца од 11 години и навистина секоја чест на организаторот и на идејата. Таа изложба „Хрватска низ времето“ ме донесе тука во Тетово после пандемијата после попуштање на мерките за прв пат на посета на Македонско-хрватското друштво. Соработката македонско-хрватска е одлична и во другите културни подрачја, како музиката и други области. Тоа е поради блискоста на нашите народи и интензивната комуникација и посетите во летните месеци и слично, изјави Нивес Тигањ, амбасадорка на Хрватска во Северна Македонија.
-Изложбата е резултат на повеќе месечната работа и на ликовните работилници кои ги одржуваше професорот Славчо Максимовски, автори на делата се околу 20-тина деца и млади кои изманитиве неколку месеци твореа на темата Хрватска, претставена е различна хрватска архитектура во градовите, претставен е главниот град, а акцент е даден на приморското подрачје, изјави Марко Видачек од МХД Тетово.
Координаторот на децата творци Славчо Максимовски рече дека се работело во повеќе техники како акрил на картон, акварарел, туш и молив.
-Имав покана од МХД за оваа работилница. Сметам дека децата од најмала возраст треба да ги учиме да ја сакат сопствената држава но и да ги почитуваат сите други. Јас лично имам голема љубов кон Хрватска како земја, а увидов и кај децата. Верувам и задоволство ми беше да твориме на оваа тема. Уметноста треба да ги спојува народите, изјави Максимовски.
Изложбата беше збогатена и со музичка интерпретација на македонски и хрватски песни во изведба на триото „Шербет“.
А.С