Ученици и наставници од ОУ „Братство–Миѓени“ периодов во рамки на проект од Еразмус плус програмата разменуваат образовни практики со училишта од Србија и Романија.
Оваа работна недела шест ученици и наставникот Славчо Ивановски од тетовското училиште престојуваа во Трстеник, Србија, додека претходната седмица во Тетово гостуваа 24 ученици од Романија и 7 од Србија, заедно со нивни наставници и координатори.
-Во рамките на посетата на нашиот град учениците од Романија и Србија изведуваа низа планирани активности со цел развивање љубов кон училиштето и желба за учење.Покрај работата дел од денот беше исполнет со посета на значајни места во градот како Шарената Џамија, црквата св.Кирил и Методиј и галеријата на икони, потоа Арабати Баба Теќе, Музејот на тетовскиот крај. Воедно посетени беа и градовите Скопје и Охрид од каде сите се вратија со прекрасни впечатоци. Оваа недела шест ученици и наставник од нашето училиште престојуваа во Трстеник, Србија каде се изведуваа активности и посети и денес очекуваме да пристигнат дома, изјави Даниела Апостоловска, координаторка на проектот.
Претходно три недели беа изведувани онлајн активности во кои исто така за секоја недела имаше различен домаќин на настанот кој ги предводеше планираните активности според претходно утврдена агенда од координаторите на проектот.
-Преостанува уште домаќин да биде Романија и таа активност ќе ја реализираме кон крајот на месец мај во училиштата во Пуфести и Видра. Ваквите проекти претставуваат афирмација на училиштето и градот на меѓународно ниво, изјави Апостоловска.
Даниела Апостоловска и и Радмила Серафимоска се координатори на целата организација потребна за водење на проекот, со поддршка од Риза Етеми, директорот на ООУ „Братство –Миѓени“.