Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово го организира 65-тиот по ред Илинденски слет до месноста Лешница на Шар Планина на 2-ри август петок со еднодневна тура, како и четири дневно логорување од четврток до недела 1-ви до 4-ти август. Заинтересирани за логорувањето имаат можност уште денес вторник да се пријават во клубот, бидејќи бројот е ограничен, а сместувањето е во шатори.
-Согласно препораките на Федерацијата на Планинарски Спортови на Македонија за „Организација на планинарски акции“ со цел да се одржи високо ниво на безбедност и организираност, сите заинтересирани се должни, формално да се пријават со што би стекнале статус на учесник во организирана активност, информираат од ПК Љуботен.
За еднодневната тура поаѓањето во петок со комби превоз е од пред просториите на ПК Љуботен во 06:30 часот, a 07:30 часот – тргнување на планинарската колона од Попова Шапка кон Лешница преку Горна Лешница. Пристигнување на Лешница е предвидено за околу 12 часот, по што ќе се следи поголем одмор и посета на кадите на Криошиска река. Враќањето е предвидено за во 15 часот.
За исхрана на турата организаторот обезбедува заеднички ручек. Остатокот е индивидуално, а треба да биде предвидено за планинарска тура до 8 часа. За искачувањето потребна е соодветна планинарска опрема.