Јавното комунално претријатие „Тетово“ повторно воведува рестрикции во водоснабдувањето за сите потрошувачи во два термини, за што сметаат дека ќе овозможи еднакво опслужување со вода за пиење откако одредени делови од градот изминатиов период се соочија со повеќечасовни прекини во снабдувањето.
Од таму како причина ја наведуваат намалената издашност на водата од планинските извори.
-Ги информираме граѓаните дека како последица од намалување на производството на водата за пиење од изворите на Попова Шапка и Лешница, имаме намалување на количината на водата за пиење во водоводниот систем. Моменталната количина на водата за пиење е 280л/с, која моментално не е доволна за непречено снабдување со вода на градот. Со цел еднакво опслужување со вода за пиење во сите критични делови на градот, ЈКП Тетово ќе почне со рестрикција на водата за пиење од 13:30 до 16:30 часот и од 22:30 до 01:30. Поради оваа бараме разбирање од страна на граѓаните со уверување дека многу брзо овој проблем ќе се реши, информираат денес од ЈКП „Тетово“.
Поради дефект на новиот водоснабдителен систем на 24 февруари беа воведени рестрикции во три периоди од денот со вкупно траење од 11 часа и 30 минути. Овие рестрикции траеа десетина дена.
а.с