Од почетокот на грејната сезона тетовската пожарна бележи 42 интервенции на пожари кои се појавиле пред се на неисчистени оџаци. За пожарникарите особено е тешка интервенцијата на оџаци во згради.
-Пред две недели два случаи пожар на покрив од колективни згради. Многу тешко е да се интервенира и изгасне оганот. Голем проблем и опасност за појава за пожари се несоодветните делови од мебел кои се користат за греење. Затоа апелираме такви материјали да не се користат, да се чистат оџаците посебно во зградите, изјави Ука Алити, командир на тетовската пожарна.
Во тетовската полиција за овие три изминати недели од декември регистрирани се девет пожари, од кои осум во објекти, поради што Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до граѓаните за поголема внимателност.
-Последното заладувањe, односно осетното опаѓање на дневните, а посебно на ноќните температури деновиве и на тетовско-гостиварското подрачје во голема мерка ја интензивира грејната сезона, а со тоа се зголемија и можностите за избувнување пожари, пред се како резултат на човечко невнимание, стари и дотраени електрични инсталации, неисправни печки и навреме неисчистени оџаци во куќи или станбени згради. Апелираме да не се оставаат вклучени грејните тела кога подолго време не се присутни во домовите или работните простории, особено не греалки, клима уреди или печки на дрва. Зашто, доволна е само мала искра да пламне голем пожар со сериозни материјални и други последици, порачива портпаролот Марјан Јосифоски.
Причинувањето пожар на одреден начин претставува кривично дело„предизвикување општа опасност“ за кое согласно членот 288 од Кривичниот законик е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години, а доколку тоа е направено од небрежност ова дело се санкционира со парична или затворска казна до три години.
ас