Тетовската полиција евидентира зголемување на сообраќајниот метеж поради доаѓање на печалбари со нивни возила па оттаму, апелира до сите учесници во сообраќајот, пред се до возачите на моторни возила за доследно почитување на сообраќајните прописи и правила. Особено во градот важно е правилното паркирање како начин да се избегне сообраќајниот метеж, потенцираат од полицијата.
-Се апелира, возачите од ова подрачје максимално да ги почитуваат правилата и прописите кои се однесуваат на паркирањето и да не ги паркираат возилата во таканаречени двојни редови, зашто на тој начин создават метеж кој го отежнува нормалното и безбедно движење на другите учесници во сообраќајот. Секторот за внатрешни работи Тетово предупредува дека секое непочитување на знаците, правилата и прописите законски ќе се санкционира со изготвување на соодветни поднесоци или со исклучување од сообраќај, зависно од видот и карактерот на направениот прекршок, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Полицијата потсетува тие кои деновиве планираат да патуваат кон Попова Шапка задолжително да поседуваат адекватна зимска опрема, зашто се најавуваат снежни денови и пониски температур, да бидат крајно внимателни и да ја прилагодат брзината според условите на патот.
-СВР Тетово веќе ги засили контролните и други мерки и активности, планирани во овој период од годината, кои во пресрет на празниците дополнително ќе се интензивираат со ангажирање на поголем број патролни служби во регионот, потенцира Јосифоски.
Со доаѓањето на времено вработените од странство освен во градот се зголемува вкупната сообраќајна фрекфренција и на автопатот и околните регионални и локални патишта.
А.С