На планинарската кула на највисокиот Титов врв на Шар Планина од овој викенд е поставена нова информативна табла. Таблата ја поставија членовите на планинарскиот клуб „Аргентус Моунт“ од Тетово, а на неа го пишува името на врвот и надморската височина.
-Сметаме дека ќе биде искористена од планинарите и рекреативците кои се искачиле до тука и ќе сакаат да имаат спомен фотографија од врвот и кулата токму со ваква табла на која пишува дека станува збор за Титов врв и за 2747 метри надморска височина. Таблата е поставена со овластување на Федерацијата на планинарски спортови, а целосната изработка, транспорт и монтирање е дело на членовите на ПК „Аргентус Моунт“, изјави Зија Јонузовски, секретар во клубот.
Инаку веќе шест години траат постојаните напори и активности на планинарите од Аргентус Монт за кулата на Титов врв да има достоинствен лик и соодветна безбедност за престој во нејзината внатрешност. Од 2014 година кога всушност е оформен клубот започнува иницијативата и реализацијата на идејата да кулата која била била речиси пред распаѓање да се реконструира.
-На Кулата досега е извршена реконструкција на ѕидовите и бетонскиот покрив со современи хидроизолациони материјали, поставени се пластични прозорци и врата. Со метални греди и дрвен под е формиран еден кат во внатрешноста со што Кулата беше доведена во безбедна состојба за засолнување од невреме како и за ноќевање, објаснува Јонузовски, кој е еден од групата планинари кои редовно учествувале на овие акции.
Во текот на 2020 транспортирани, кроени и монтирани се две дрвени трпезариски маси во Кулата и една метална маса. Поставени се два соларни панели и рефлектори со фото ќелија за осветлување на внатрешноста на Кулата. Карактеристика на овие акции е што планинарите голем дел од материјалите ги носеа на раце. Кулата на Титов врв е изградена во 1956 година по две години работа .
А.С