Во Тетово почина Томислав Стојановски-Бомбај, поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија и лидер на Демократската партија на Македонија (ДПМ). Тој беше роден 1940 година во Тетово, а завршил Машински факултет.
Стојановски беше политички активен преку Демократската партија на Македонија која постоеше и ја раководеше од 1991 до 2006 година. Како лидер на таа партија беше пратеник од 1994 до 1998, а во два наврати учествуваше во изборот на градоначалник на Тетово.
Во Тетово Стојановски беше познат како долгогодишен директор на Средното земјоделско училиште „Моша Пијаде“ во Тетово. Бил и директор на енергетското одржување на некогашниот текстилен гигант „Тетекс“. Откако се пензионираше Стојановски го основа Тетовскиот фолк фестивал што се одржуваше во манастирскиот комплекс во селото Лешок.