Од денес започна рехабилитација на на регионалниот пат Р3342 Желино-Шемшово-Јегуновце. Изведувач на градежните работи е Македонија пат секција Тетово, а финансиските средства се обезбедени од Јавното претријатие за државни патишта.
-Станува збор за изведување на градежни работи за надградба на коловозот со пет сантиметри асфалт, како и поставување на банкини од по половина метар, со претходна санација на ударни дупки. Почетокот беше направен денес кај фабриката Југохром и ќе се работи до спојот на патот р2233 Јегуновце-Теарце, информираше Дејан Јовановски раководител на тетовската секција на Македонија пат.
Рехабилитацијата на коловозот ќе се врши во повеќе етапи.
-Прво од Јегуновце до Јанчиште, потоа излез од Јанчиште до влез на Шемшово, по што ќе се работи од Шемшово до бензинска пумпа кај Сирично. За потегот низ Јанчиште ќе се работи откако ќе се заврши таму со изградба на канализација. Исто така ќе се чека да се завршат градежни работи на Општина Желино за да се работи на крајната фаза од Сиричино до Желино, истакна Јовановски.
Градоначалникот на Општина Јегуновце, Дарко Блажески преку Фејсбук профилот порача дека на овој начин се надминува долгогодишно проблем.
-По 30 години започна рехабилитација на регионалниот пат Јегуновце – Желино. Деценискиот проблем со лошата патна инфраструктура на регионалниот пат Јегуновце – Желино наскоро ќе биде решен. Продолжуваме со реализација на инфраструктурни проблеми, порача градоначалникот Блажески.
Поради реконструкцијата на патот ќе има времен режим на движење секој ден од 7.30 до 16.30 часот, а од Македонија пат апелираат граѓаните да користат и алтернативни патишта.
А.С