На Универзитетот во Тетово денес беше промовирана нова поштенска марка издадена од АД Пошта на Северна Македонија со логото на тетовската високообразовна институција. Првата марка ја доби ректорот Вулнет Амети од директорот на АД Пошта на Северна Македонија, Ејуп Рустеми.
-Мислам дека оваа поштенска марка ќе биде најдобриот амбасадор, што ќе патува во сите земји во светот и ќе претставува дел од нашата историја, вклучувајќи го и Универзитетот во Тетово, изјави директорот на Пошта на Северна Македонија, Ејуп Рустеми.
Поштенската марка ќе има тираж од 6000 примероци, а номиналната вредност ќе изнесува 50 денари.
– За нас, ваквите соработки се секогаш добредојдени, тие ќе останат во историјата и ни останува да работиме уште попрофесионално. Објавувањето на поштенската марка со логото на Универзитетот во Тетово е совршена идеја, затоа сите треба да бидеме многу одговорни пред институциите што ги водиме, да дадеме се од себе за да направиме добра работа за општеството, изјави ректорот Вулнет Амети.
Издавањето на поштенската марка е по повод 25 години од основањето на Универзитетот во Тетово.
А.С