Тетовец на кого му украле возилото сам го нашол па ја известил полицијата со оглед дека ја пријавил и кражбата на 8 февруари. Педесет и едногодишникот според пријавеното, возилото „форд куриер“ го нашол вчера оставено во центарот на градот на улица „Борче Кочовски“. Кога го пријавил за украдено, информирал дека возилото било незаклучено со клучевите на брава.
-Кај пронајденото товарно возило „форд“ со тетовски регистарски ознаки, сопственост на Б.К.(51) од Тетово извршен е увид и при тоа не биле констатирани никакви оштетувања на возилото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Според искуствата во тетовската полиција најчесто млади лица ги користат моментите како во овој случај и незаклученото возило го одзеле па потоа го возеле и го оставиле кога останало без гориво.
-Секторот за внатрешни работи Тетово потсетува и истовремено предупредува дека некои сопственици на моторни возила во Полошкиот регион ги оставаат необезбедени, односно незаклучени возилата, па дури и со клучевите во брава. Со тоа возилата стануваат привлечен „плен“ за крадците. Ова, посебно ако возилата се оставени во неосветлени, споредни и нефрекфрентни улички, а поради што од Секторот за внатрешни работи Тетово повторно се апелира до нивните сопственици пред да заминат задолжително да ги заклучуваат, вели портпаролот Јосифоски.
Секторот за внатрешни работи Тетово во континуитет реализира повеќе превентивни активности за заштита од тешки кражби во куќи, станови и моторни возила.
А.С