Општина Тетово на 12 ноември на електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) има поставено шеста верзија од годишниот план за јавни набавки. Мониторингот на јавните набавки што се врши во рамките на проектот „Анализа на јавните набавки во Полошки плански регион“ од страна на невладината организација „Младинска Алијанса“ и Тетово инфо, покажа дека често пати општините вршат измени и дополнувања на јавните набавки.
Општините како еден вид договорен орган според Законот за јавни набавки прават годишни планови за јавни набавки, кои се ориентациона проекција за нивните годишни потреби. Плановите според законот може да се менуваат, но процесот на планирање на набавките е од исклучително значење за правилна примена на законот и навремено задоволување на вистинските потреби на договорниот орган во текот на годината, се вели во брошурата „Планирање на набавките“ издадена од Бирото за јавни набавки.
На страницата на ЕСЈН има можност за споредба на верзиите од годишниот план. Така може да се види дека во верзијата број 6 од 12 ноември 2020 во споредба со првата верзија поставена во јануари има додадено 25 нови ставки, една ставка има промена од 33, 33 % и пет ставки се избришани.
Во споредба на верзијата 6 од 12 ноември и препоследната верзија 5 од 27 октомври може да се согледа дека има нови 7 нови ставки, додека 4 ставки се целосно избришани.
Меѓу седумте нови ставки се јавни набавки за проектите-Реконструкција и санација на кров на објект Радио Тетово, Реконструкција на детска градинка кај Спортски Центар, Реконструкција на спортски терен во с.Голема Речица, Набавка на цевки за водоснабдување за с.Порој, Набавка на цевки за водоснабдување за с.Џепчиште и Набавка на цевки за водоснабдување за населено место Речица.
Додека меѓу целосно избришаните 4 ставки се проектите насловени Реконструкција на улица Г.Делчев,Реконструкција на објект на Противпожарна единица-Тетово, Реконструкција на улица Ѓ.Стојчевски од бул.Илинденска до ул.29 Ноември и Проект за јакнење на општинскиот совет.
Во рамките на проектот „Анализа на јавните набавки во Полошки плански регион“ е извршен мониторинг во електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) околи измените и дополнувањата на на општините Тетово, Брвеница, Желино, Теарце и Јегуновце заклучно со 31 октомври 2020 година.
Овој текст е изработен во рамки на проектот „Граѓански организации и Медиуми против корупција-Коалиција за нулта толеранција”. Изработката на текстот е со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината на публикацијата единствено се одговорни Младинска Алијанса-Тетово и Тетово Инфо и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.