Во манастирската црква Георгиј Победоносец во тетовска Мала Речица денес се одбележа празникот Светиот великомаченик Георгиј – Ѓурѓиц.
Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф ги благослови кумските лебови и изврши водосвет.
Празникот Св. Георгиј познат во народот како Ѓурѓиц е поврзан со името на Светиот великомаченик Георгиј-Победоносец чиј главен празник е на 6 мај според новиот (односно на 23 април според стариот) календар.
Според православниот календар на денот посветен на Светиот великомаченик Георгиј – Ѓурѓиц се празнува преносот на моштите на Св. Георгиј од Никомидија во градот Лида Палестинска, каде што пострада во времето на царот Диоклецијан.
-Страдањето на овој прекрасен светител е опишано под 23 април. Пред смртта Св. Георгиј го замоли својот слуга да го земе неговото мртво тело и да го пренесе во Палестина, од каде што беше родум и мајка му и каде што имаше голем имот, кој им го раздаде на сиромасите. Слугата така и направи. Во времето на царот Константин во Лида побожните христијани му изградија на Св. Георгиј прекрасен храм и при осветувањето на храмот во него ги пренесоа моштите на светителот и таму го закопаа. Од чудотворните мошти на Св. великомаченик Георгиј се случија големи чуда, се наведува во календарот на Македонската Православна Црква.