Денешниот православен празник посветен на светата великомаченица Марина беше одбележан во истоимениот храм во тетовско Теарце. Во храмот света великомаченица Марина водосвет и осветување и режење на кумските колачи извршија свештениците од Тетовското архиерејско намесништво.
Света великомаченица Марина или попозната по народниот назив Огнена Марија се вбројува меѓу светителите кои меѓу верниците од полошкиот крај имаат посебен пиетет.
-Света Марина се роди во незнабожечки дом, но на 12 години го запозна христијанството и се крсти, заради што беше презрена од сопствените родители. Великомаченица Марина пострада за време на владеењето на царот Диоклецијан одбивајќи да биде жена на еден од неговите намесници во Антиохија.Од мачењата на незнабожечките власти кои се случиле кон крајот на вториот век за време на владеењето на царот Диоклецијан, Светата Великомаченица го добила името Огнена Марија. Поголем дел од нејзините мошти се наоѓаат во манастирот Света Марина, во областа Мала Преспа, каде се уште се случуваат чуда над нејзините мошти, стои во православниот календар за денешниот ден.
А.С