Претседателот на оштинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Тетово, Ангел Карапетров одржа прес-конференција.
-Почитувани, утре во Тетово ќе се одржи седница на Владата, Влада која ветуваше “Живот за сите ”
Ветуваа владеење на правото, ефикасна јавна администрација, квалитетни медицински услуги, ниско ниво на корупција, бизнис без рекет, слободни медиуми, чист воздух, враќање на иселените, и што ли уште не.
На локално ниво, ветуваа дополнителни простории во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ за учениците Македонци, катни гаражи, базен, пробивање на нови булевари, регионална депонија,нови паркови,шеталишта, чист град. Ветеното и тоа што е реализирано за тетовчани е рамно на измама !
Почитувани, Утре во Тетово е Зоран Заев, премиерот кој го промени името на нашата држава, кој ги распродаде македонскиот идентитет и историја, ветувајќи сигурна европска перспектива, но на крај ги разочара сите. За жал, Тетово секојдневно се празни и останува без млади луѓе, без доктори, без инжињери, без медицински персонал,без занаетлии.
Почитувани, Тетово денес стана град без иднина. Господине Заев, кога веќе доаѓате во Тетово, Ве замолуваме, прошетајте низ центарот на Тетово и видете ги сите натписи на дуќаните кои се издаваат под ќирија и натписите за барање на работници, па прашајте колку време се издаваат и колку време се бараат работници, а никој не ги изнајмува и не се пријавува за работа. Прашајте ја градоначалничката како се спроведува вашата флоскула “Едно општество за сите” ?
Прашајте дали на некој од осумте сектори во општина Tетово има раководител Македонец? Дали на некое од јавните претпријатија директор е Македонец или припадник на друга етничка заедница ? Прашајте дали се инвестира во инфраструктура на местата каде живеат македонци и зошто барем една шајка не е ставена во стариот дел на градот Тетово, и во сите други делови на град Тетово каде живее етничко македонско население.
И на крај, премиере Заев кога веќе доаѓате во Тетово, повикајте го вицепремиерот Бујар Османи да прошета низ Тетово и на сите фирми каде што нема натпис на кирилица да побара да се постави, со што би се испочитувал законот, би се испочитувал Уставот на Република Македонија, би се испочитувале Македонците во Тетово.
Почитувани тетовчани, На 12 април доаѓа одговорот од народот. ВМРО ја запали машината и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја донесе победата. Ќе покажеме и ќе докажеме како одговорно се владее, и како се дава шанса на успехот.Заедно со сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите останати, заедно со Коалицијата за обнова на Македонија тргнуваме кон победа, заедничка победа и триумф на народот.