Претседателот Стево Пендаровски дојде во посета на тетовската клиничка болница и разговараше со раководствата на болницата, Обвинителството и полицијата. За медиумите изјави дека досега не е утврдено намерно подметување на пожарот и дека во истрагата ќе се користи и помош на експерти од странство.
-Дојдов да изразам солидарност со граѓаните на Тетово, но најмногу со оние кои ги изгубија своите најблиски и се разбира да поразговорам на лице место со надлежните. Надлежниот јавен обвинител ме информираше дека за околу саат до два и формално ќе го завршат увидот кој трае веќе втор ден и во најбрз можен рок потоа ќе излезат со нивниот извештај. Процедурата е тие даваат наредби до другите надлежни институции од обдукција до МВР. Обвинителот ми рече дека ќе им даде многу кратки рокови, веројатно пет дена за секоја институција да одговори од својата надлежност, по нивното добивање на тие сепак извештаи ќе излезе тој со свој збирен извештај во кој ќе се види прво што е причината за пожарот и второ и дали зад тоа евентуално има човечка грешка. Значи во овој момент сме во оваа фаза, знаете, претпоставувам за последната одлука на Владата на Република Северна Македонија да прогласи тридневна жалост на територијата на целата земја и да повика и странска експертиза да помогне за вакви специфични пожари, истакна Пендаровски.
Нема показатели дека станува збор за подметнат пожар, истакна шефот на државата.
-Од сето она, вие тоа го знаете, го следите од вчера наваму нон-стоп, што го чув и од одговорниот од Противпожарната екипа за само неколку минути изгоре целиот објект што е само по себе основа за анализа. Меѓутоа, тоа е работа на надлежните институции. Имаме доволно стрчни кадри во сите овие институции кои се инволвирани во оваа т.н. повеќеслојна истрага. Јас мислам дека за кратко време ќе ја знаеме вистината. Јавно да кажам, до овој момент, бидејќи имаше и такви шпекулации, јас ова утро разговарав на пример со претседателот на Словенија, Пахор, тој ме праша исто, има различни шпекулации дека е можеби подметнато, дека можеби има врска со 30 години независност, дека има некакви конспирации за тоа. До овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно со цел да се постигне некаква друга политичка цел. Меѓутоа, велам, тоа е во овој момент и се разбира тоа ќе ви го каже денеска или наредниве денови надлежниот јавен обвинител, изјави Пендаровски.