Стотина жители на тетовското село Горно Седларце денес протестираа на автопатот Тетово-Гостивар барајќи за нив да има пониска цена за плаќање на патарина. Тие образложуваат дека од Горно Седларце до Тетово користат само 3 километри и 300 метри, а треба да платат како сите останати 30 денари.
– Ние како село организираме мирен протест, за денеска нема да го блокираме автопатот, но ако нема решение и тоа ќе го направиме. Пример ако оди некој од Тетово кон Гостивар за 24 километри, плаќа 30 денари тука и 30 таму на другата патарина вкупно 60 денари, а ние за 3,3 км плаќаме 30 денари. Ние тражиме решение за нашето село, законски ние треба да платиме само 6 до 8 денари за тие 3,3 километри што ги користиме. Сме пратиле барање до јавното претријатие но нема одговор од таму, изјави Јусуф Беќири, претставник од организаторите.
Тој вели дека нема алтернативен пат, односно дека има други патишта кои биле премногу далеку од градот.
-Може да одиме до Камењане па преку Речица до Тетово а тоа е околу 14 километри, а тука е само за 3,3 километри. А ако одиме преку другата страна преку Брвеница па до Тетово исто некои 15/16километри што е трошок за нас. Пример годишно една кола секој ден да оди во Тетово треба 600 до 700 евра за една куќа за една кола, тоа е многу за нас. Институциите да најдат решение, да не ослободат од ова плаќање или да се најде алтернативен пат, да се изгради таков пат, рече Беќири.
Предлог на населението е да се направат картички за нивното село со кои би плаќале по пониска цена по минување или на одреден период како на месечно или годишно ниво. Селото протестираше и во ноември 2016 година.
-Една година сме биле ослободени од патарина, но почнаа некои села да го злоупотребуваат тоа и да кажуваат дека одат за Горно Седларце. Па имаше 500 до 600 коли кои така поминуваа, а нема толку возила кај нас. Затоа таа практика е прекината. Во меѓувремено имаше луѓе од нашето село кои не плаќаа патарина но се соочија со казни. Затоа бараме решение повторно, рече Беќири.
Горно Седларце има околу 400 куќи.
А.С