Македонскиот кардиолог, академик и професор Сашко Кедев изминатиот викенд забележа уште еден алпинистички подвиг со искачување на врвот Даулагири со надморска височина од 8167 метри, дел од Хималаите во Непал.
Овој врв е седмиот највисок врв на Хималаите, а Кедев го искачи како дел од 22-члена експедиција, од која 12 Непалци и десетмина странци. Даулагири е планински венец на најзападниот дел од Хималаите, кој до 1832 година се сметал за највисок врв на Хималаите. Покриен е со леденици и прв го освоила швајцарска експедиција во 1960 година. Експедицијата водена од тимот на „Мингма Џи“ е прва сезонава што се искачи на врв над 8.000 метри.
-Кедев, со ова искачување во Даулагири на целото население му пренесува една многу важна порака дека пешачењето, трчањето но и искачувањето до високите врвови помагаат кон целта да се има здраво тело и дух, особено во времето кога поголемиот дел од светот , се соочуваат со дебелина, но и со разни кардиоваскуларни заболувања, посочуваат тетовските лекари, колеги на Сашко Кедев.
Професорот Сашко Кедев е пријател на голем број тетовци, меѓу колегите лекари како и планинарите и алпинистите. Кедев има посебни заслуги околу отворањето на интервентната кардиологија во градот Тетово, но и усовршувањето на еден од најдобрите интервентни кардиолози во Тетово, д-р Валон Асани.
На 19 мај 2009 Сашко Кедев, се искачил на највисокиот врв на светот, Монт Еверест. Со тоа, тој стана третиот Македонец кој го има освоено највисокиот врв на светот.