Самка Ибраимовски, претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите-ПЦЕР најави оставка од функцијата заменик-директор на Јавното Претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонија пат“ образложувајќи дека како партија не ги добиле ветувањата за нивно учество во извршната власт. Оваа одлука е донесена по денешниот состанок на централното претседателство на ПЦЕР што се одржа во Тетово.
-Утре ќе ја депонирам мојата оставка од причини што не се исполнети ветувањата кои требаа да се исполнат кон нашата политичка партија. Втората одлука е сите едногласно по барање на повеќе ромски политички партии утре да имаме лидерска средба со сите ромски партии – да се донесе ромска платформа каде што ќе настапуваме заеднички на следните парламентарни избори. И тоа беше усвоено едногласно. Трета работа остануваме во коалиција со СДСМ се до средбата со новиот мандатар Ковачевски да видиме кои се неговите мислења во делот на нашата коалиција односно дали ќе има парче колач од она што е ветено да се даде на ПЦЕР, истакна Самка Ибраимовски по состанокот.
Според Ибраимовски, ПЦЕР како една од најстарите коалициони партнери од осамостојувањето на Македонија на СДСМ, сега од новиот мандатар Ковачевски ќе бара поинаков да биде делот на учеството во институциите од неговата партијата.
-Требаше да бидам генерален директор на Македонија пат, не се исполни тоа ветување и нормално е да се повлечам и да оставам простор да биде некој од членовите на СДСМ да ја преземе таа функција. Не успеавме на некој начин и политичката ситуација која беше во државата, беа локалните избори, кога требаше да настане таа промена, дојдоа локални избори, се одолговлечи времето и јас одлучив да ја депонирам оставката и да останеме во коалиција се до разговор со новиот мандатар Ковачевски, потенцира Ибраимовски.
Првиот човек на ПЦЕР рече дека Ромите во државата се околу 100-120 илјади и очекува во пописот да бидат 7% од вкупното население.
-Јас и прошлиот попис не го признав така и сега ако биде процентот исти како што е нормално дека нормално дека нема да го прифатам 100 процентно бидејќи ние ја знаеме бројката на Ромите во Северна Македонија и се што ќе биде испод овој сегашен процент што го има ќе биде негативно оценет. Нашите проценки се дека има 100-120 илјади Роми, сега има 2,66% или по наше треба бидеме над 7 %., рече Ибраимовски.
На конгрес во 2019 Самка Ибраимовски доби нов мандат, да ја води партијата уште четири години.