Сообраќајната полиција во Тетово побара од граѓаните поголема внимателност поради очекуваниот метеж со оглед дека во градот треба да дојдат уште повеќе возила со пристигнувањето на печалбарите за двата верски празници.
Командирот на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово,Зоранчо Талев исто така апелира и пешаците и мотоциклистите да бидат уште повеќе внимателни поради зголемување на сообраќајната фреквентност.
– Имаме мала и тесна инфраструктура, а голем број на регистрирани возила. Само илустративно околу 46 илјади возила регистрирани се во 2021 година. Ако го земеме приливот на возила во летен период оние наши граѓани што доаѓаат од странство тогаш можете да претспоставите за каква гужва се работи, изјави Талев на денешната средба со новинарите.
Првиот човек на сообраќајната полиција на новинарските прашања зошто има голем број контроли и изречени казни за возачите потенцира дека од нивна страна се воочуваат огромен број на сторени сообраќајни прекршоци.
-Приметувате самите дека бројките се огромни. Освен казни имаме и санкции во вид на забрана за управување со одземање на возачки дозволи изречено од судот, но прекршоците продолжуваат и понатаму. Контролите се сразмерно на прекршоци-на безбедносна состојба.Затоа ги правиме контролите. Ние не можеме да оставиме без контрола ако имаме доста прекршоци, изјави Талев.
Во 2021 година од четири жртви во сообраќајот во Тетовско три се пешаци. Во 2022 има една жртва пешак.