Во пресрет на претстојниот празник, Курбан Бајрам, Секторот за внатрешни работи Тетово ги информира граѓаните дека во содејство и координација со инспекциски и други надлежни институции и служби деновиве ќе се реализираат повеќе работни состаноци со сточари и трговци од овој регион, на кои ќе им се укаже на потребата пред и за време на празникот доследно да ги применуваат и почитуваат сите законски мерки oд оваа сфера, вклучително и мерките за заштита од ширење на коронавирусот „ковид-19“ и да ги почитуваат законските прописи со кои е забранета продажбата на животни без валидна документација и нивно колење на јавни површини.
Покрај ова, планирано е, исто така, засилено сообраќајно да се покриваат сите приоди кон добиточните пазари, на кои ќе се продаваат и купуваат животни, а што претставува редовна празнична практика на тетовско-гостиварското подрачје. Целта на овие превентивно-информативни активности е да се спречат несакани појави кои можат негативно да се одразат врз општите санитарни и здравствени состојби на подрачјето и да се обезбеди целосно почитување на соодветната законска регулатива.