Од СВР Тетово информираат дека во координација со локалната самоуправа се планира зголемување на периодот до кога ќе работи пајак-службата за подигнување на неправилно паркирани возила. Целта е да се откријат и отстранат сите возила кои го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот и да се придонесе за поголем ред и безбедност со паркирањето во Тетово.
-Засилени мерки се планирани во јули и првата половина на август, зашто во тој период во Тетово и околината значително ќе се зголеми бројот на возила, а како резултат на доаѓањето на многумина вработени во странство од ова подрачје. Оттаму, се планира, наместо во две смени од 9 до 23 часот, „пајак-службата“ да биде во функција еден час повеќе, односно до 24 часот. Покрај тоа, посебно внимание ќе им се посвети и на автобуските постојки, за да не се узурпираат од патнички возила или комбиња и за да ги користат само автобусите на локалниот јавен превоз, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Во текот на овој месец Секторот за внатрешни работи Тетово-Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово, заклучно со денеска (23 јуни), открила и соодветно санкционирала над 250 непрописно паркирани возила, кои биле подигнати од тетовската „пајак-служба“.
Станува збор за возила кои го попречувале нормалното и бeзбедно движење на другите учесници во сообраќајот, посебно во централното градско подрачје. Најголемиот број од подигнатите биле возила паркирани во таканаречени „двојни редови, во зона на крстосници, на тротоари или на други недозволени места.
-Секторот за внатрешни работи Тетово апелира возачите да внимаваат каде ги паркираат возилата, да не создаваат непотребни мешаници и да ја доведуваат во ризик сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Ова, дотолку повеќе што претстојат денови со далеку поголема сообраќајна фрекфренција и динамика на целото подрачје, рече Јосифоски.
ас