Секторот за внатрешни работи Тетово повторно со апел и предупредување до земјоделците, но и до сите други да бидат крајно внимателни кога се движат или работат во полето и посебно да не ги палат стрништата, меѓите и сувата трева, зашто огновите брзо можат да се прошират, а посебно ако времето е ветровито. Се апелира, исто така, на целосна внимателност и на излетниците кои за викендите престојуваат на отворено и неретко палат огнови и потоа заминуваат од местата.
-На тој начин ризикуваат да се соочат со ригорозни законски санкции, односно со соодветни поднесоци и треба да знаат дека затворските казни за намерно предизвикување пожар се движат од 3 до 8 години (согласно член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот, причините за неговото настанување и другите околности и последици. Во наредниот период, исто така, координирано со други институции, ќе се засилат и секојдневните контроли на подрачјето, во функција на брзо откривање и ефикасно санкционирање на сите оние кои намерно или од невнимание предизвикуваат полски, шумски или други пожари.Ова, дотолку повеќе што претстојат потопли денови кога риизиците за избувнување на пожари ќе бидат уште поголеми, изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Со оглед на тоа што деновиве значително зголемена е вкупната динамика на подрачјето, пред се на полошките ниви, Секторот за внатрешни работи Тетово веќе презема координирани превентивни и други мерки, кои во наредниот период уште повеќе ќе се интензивираат, со цел навреме да се пресретнат можните причини за настанување на пожари.