Општинската организација на СДСМ од Тетово со соопштение до јавноста реагираше на прес конференција на Движењето на Беса и советничката Етеми на која истакнаа дека ќе бараат преименување на 4 средни училишта во Тетово.
-Од утре, движењето Беса треба да започне да се занимава со суштински работи како на Централно така и на Локално ниво, а не со сервисирање лажни статистички и општествени информации, да „билда“ националистички и фашистички идеи, сѐ со цел кревање на ионака слабиот партиски рејтинг на политичката сцена. Во време на комплетна глобализација и прогрес во светски рамки каде што несомнено припаѓа нашата земја, движењето Беса се занимава со прашања кои се тотално демоде, притоа користејќи ги чувствата и емоциите на граѓаните во средина каде што се прокламира ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ, движењето Беса сака македонскиот граѓанин да го врати децении наназад, се наведува во соопштението.
Од СДСМ на Беса им порачаа дека ги немаат точните демографски информации.
-Водејќи се по максимата дека незнаењето не е грев, туку одбивањето за учење, да ви посочиме неколку факти и статистички податоци од Општина Тетово. Голем срам е госпоѓата Етеми како советник на Општина Тетово да не ги знае овие бројки. Точно е дека албанската популација во Тетово е доминантна, но бројките кажуваат поинаку. Не со над 80% како што презентира Етеми, туку со 54.6%. Македонци со 35.1%, Роми 4.5%, Турци 3.6%, Срби 1.1%, Бошњаци и останати под 1%. Ова се податоци од пописот во 2002 година, а зошто е прекинат пописот во 2011, причините треба да ги барате на друга адреса, па оттука сме хендикепирани да ја знаеме моменталната состојба имајќи го предвид масовоното иселување во изминатите 13 години, велат од ОО СДСМ Тетово.
СДСМ реагира и за историскиот контекст на содржината на ставовите на Беса и советничката Етеми.
-Околу предлозите на Вашите предлози за имиња на средните училишта би сакале да направиме една компарација, а уште поголем апсурд е што почитуваната советничка не смогнала сили да се информира за и околу еден од најголемите македонски творци и дејци Кирил Пејчиновиќ-Тетоец нарекувајќи го комунист. Од кои книги учела Етеми ние не знаеме, меѓутоа еве еден краток час од македонската историја:
Кирил Пејчиновиќ – Тетоец е роден 1771 година во Теарце. Целиот свој живот Кирил Пејчиновиќ го поминал во учење на луѓето и бил еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Починал 1845 во Лешок.
Ѓоце Стојчески- Амбарче е роден во 1919 година во Тетово, работел како библиотекар во локалната библиотека и својот живот го дал за ослободување од фашистичкиот окупатор во 1944 година. Нешто што Вие како советник треба да го знаете и во име на ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ треба да смогнете сили заедно со советниците Македонци и Албанци да изгласате враќање на бистите на Ѓоце Стојчески – Амбарче и Тодор Ципоски – Мерџан на плоштадот во Тетово. Со својот живот, Ѓоце и Тодор ја „купиле“ и Вашата слобода.
Моша Пијаде- сликар, новинар, ликовен критичар, револуционер и учесник во Народно Ослободителна Борба. Роден е во 1890 година во Белград, починал во 1957 година. Забележителен придонес за тогашната федерација и индиректно за нашата земја.
Никола Штејн – за време на Втората Светска Војна иако бил Русин, давал голем придонес во спасувањето на човечки животи, користејќи го своето богато познавање во областа на медицината. Голем хуманист и љубител на белиот спорт. Убиен е во непосредна близина на средното медицинско училиште во Тетово, давајќи го својот живот за ослободување на овој град и оваа земја.
Сите овие личности, а особено Кирил Пејчиновиќ-Тетоец и Ѓоце Стојчески-Амбарче имаат дадено огромен, неспорно огромен придонес за оваа земја особено за градот Тетово. Со оглед на тоа што сме оскудни со информации од Ваша страна за имињата за кои ги предлагате, информациите на граѓаните ќе им ги дадеме ние.
Ферид Мурад – роден 1936 година во Индијана во САД, дете од мешан брак, татко Албанец од Албанија и мајка Американка, моментално живее во Вашингтон во САД. Целиот свој живот го поминал во САД, каде се образувал, работел и ја градел својата кариера. Оттука, со сета почит кон господинот Мурад, би Ве замолиле да ни го објасните значењето и дејноста на Ферид Мурад пред сѐ за Тетово, а потоа и за Македонија.
Ѓон Бузуку – албански, католички свештеник роден во 1499 година во село Љаре на брегот на Скадарското езеро. Постојат тврдења дека бил бискуп а претходно монах, се занимавал со
Реџеп Вока – писател и активист во албанското национално будење , роден во 1847 година во Шипковица, починал 1917 година. Неговото име веќе го носат две основни училишта во Шипковица и Бродец. Би ја замолиле почитуваната госпоѓа Етими да ни го објасни придонесот на Реџеп Вока во негово време за Тетово и за Македонија.
Хасан Тахсини – астроном, математичар и филозоф и имам во Отоманската амбасада во Париз каде се стекнал со своето образование. Роден во 1811 година во Кониспол тогашен дел од Отоманската империја, починал во 1881 година во Истанбул.
Името Хасан Тахсини го носат две основни училишта во село Седларево и во село Гургурница. Оттука нѐ засега неговиот придонес за Тетово и Македонија. Граѓаните на Тетово ги интересира да го објасните Вашиот и мотивот на движењето Беса, зошто ги предлагате токму овие имиња, кои да повториме, не се од апсолутно никакво значење за градот Тетово и Македонија.
Како советник во Општина Тетово, постојат поголеми суштински проблеми во училиштата со кои би требало да се позанимавате, а не со евтини национал-популистички идеи. ОО СДСМ Тетово ги прифаќа сите Ваши конструктивни и реални идеи со цел унапредување и подобрување на животот граѓаните на Тетово, па и Македонија. Со ова би ги замолиле движењето на Беса и г-ѓа Етеми, да ни го објасни придонесот и делото на овие четири личности во нашето опшество, се наведува во реакцијата на СДСМ.