На големата сцена во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово се одржа комеморација за Миодраг Николиќ-Панта, театарски актер и режисер, повеќе децениски член на драмското студио при оваа културна институција во градот. Миодраг Николиќ-Панта почина на 80 години на 17 април и е погребан во родното Тетово.
Комеморацијата ја организираа неговите колеги од драмското студио и други театарски групи и здруженија. Тие во своите емотивни говори се потсетија на времињата поминати заедно на големата сцена во тетовскиот центар за култура. Радисав Наумчевски-Раде потсети дека го запознал тогаш „страшниот“ Панта во седумдесеттите години на минатиот век, прв пат работејќи на претставата „Бегалка“.
-Потоа се редеа улоги во „Бумеранг“, „Вејка на ветрот“, „Стапица на беспомошниот човек“ и многу други. И оддеднаш тој страшен Панта стана најдобриот човек, соработник и партнер кој може само да се посака. Секогаш ни даваше сигурност стабилност и смиреност, порача Наумчевски.
Ладо Савевски рече дека заедно реализирале многу претстави со голем ентузијазам, многу љубов, и многу труд.
-Театарски претстави, свечени академии и пригодни рецитали кои оставија длабока трага во културниот живот на нашиот град. Остана нереализирана неговата и моја голема желба Коштана и Митке, истакна Савевски.
Актерот и режисер Владимир Јовановски во театарски стил оствари дијалог со колегата Панта. Во емотивното обраќање потсети дека Миодраг Николиќ најтешките ликови ги реализираше со голема леснотија.
-Верувавме дека си неуштинив бесмртен, иако скоро да немаше лик кој секој режисер му даваше трагичен крај и така овде гледавме како умираш десетина пати. Убавината беше во тоа што потоа се појавуваше од зад кулисите по крајот на претстава. Ти се појавуваше со својата грамадна театарска снага, секокогаш сериозно лице за кое малкумина одовде знаеја дека всушност зад старецот се крие големо дете кое само сака да игра во театар и ништо друго. Тивко и без помпа се повлекуваше додека ние со минути очекуваме аплауз. Колкава грамада а колкава скромност, невиден раритетет особено на оваа сцена полна со суета. Ти беше хируршки опериран од актерската болест суета. На пробите доаѓаше прв, и пред статистите, костимот беспрекорен, рече Јовановски.
Миодраг Николиќ-Панта интимно ми беше многу важен, започна Саше Серафимовски, нарекувајќи го мојот Глембај, мојот Салиери, мојот Бато.
-Како е да се биде едноставен, обичен и ненаматлив а истовремено силен и автентичен и неповторлив. Илјадици уметници трага по таа формула, но на Миодраг тоа не му беше потребно, така беше роден и така живеееше. Беше среќен што е артист, го сакаше тој повик, но секогаш беше помалку поетски осамен. Највеќе од се сакаше театар, таков му беше и животот, истакна Серафимовски.
Во име на најмадите членови на драмското стуидо зборуваше и Мартина Стерјовска. Присутните на комеморацијата имаа можност да запишат свои мисли во книга на жалоста.
ас