Се повеќе земја од свлечиштето долж патот од Тетово кон месноста Бањиче се наоѓа во корито на реката Пена, откако општината преку компанија изведувач прави градежни работи околу уредување неколку критични точки каде има појава на одрони. Граѓаните аламираат дека половина од коритото на дел од тој потег е веќе зафатено со фрлената земја од свлечиштето.
-Реката Пена кога тече сега е кафеава од земјава и секако ја носи надолу. Мислам дека ова не е во ред вака да се средува одронот со фрлање на земјата во коритото на река Пена. Наместо рекреативна патека, стана ужасно место, после движење како песок да имам насекаде на мене и на алиштата, објаснуваат тетовци кои пешачеле кон Бањиче.
Градоначалничката Теута Арифи на вчерашниот настан на новинарско прашање зошто при санација на свлечиштето кај Бањиче земја се истура во реката Пена, рече дека Сектор за комунални дејности ќе информира дополнително.
-Имаме надзор, да градите по планини не е како да градите тука. Нема да има тука свлечиште затоа што нема планина. Така да таму пред три години во проектот знаеме дека имаше придвижување на земјата. Компанијата ни имаше ветено дека ќе се врати да работи таму и во моментот работи на каскадирање на земјата и отклонување на ѕидот, рече Арифи.
На 16 април овој пат целосно беше затрупан поради градежните работи кои започнаа да се одвиваат на почетокот на месецот. И тогаш освен на коловозната лента карпи,камења и земја се најдоа и во коритото на река Пена.
А.С