Чести се случаите при спроведувањето на јавните набавки Комисијата за жалби по јавни набавки да ја поништи одлуката за избор на економски оператор поради несоодветна постапка спроведена од договорниот орган односно кога раководното лице наместо соодветна комисија за јавни набавки одлучи која понуда ќе ја прифати. Во таков случај жалбата се усвојува и предметот се враќа на повторно постапување и одлучување.
Како таков пример е Огласот за јавна набавка со отворена постапка бр.14983/2019 за набавка на услуги – Услуга за проценка на недвижности со идентификација на К.П. за потребите на АД ЕЛЕМ (Дирекција), за што претходно била донесена Одлука за јавна набавка бр.11-250/1 од 18.12.2019 година Постапката била објавена на електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) на Бирото за јавни набавки и во Службениот весник.
До крајниот рок за поднесување на понудите 21.01.2020 година, пристигнале вкупно 6 (шест) понуди, за што бил составен Записник од отворањето на понудите бр.11-34/1 од 21.01.2020 година. Комисијата за јавни набавки на договорниот орган извршила проверка на комплетноста и валидноста на понудите по што извршила конечно бодување и рангирање на понудувачите кои доставиле прифатливи понуди и врз основа на Извештајот за спроведена постапка бр.11-34/2 од 17.06.2020 година.
Комисијата дала предлог за избор на најповолна понуда да биде избрана понудата на понудувачот од Скопје. Ваквиот предлог бил прифатен од страна на одговорното лице на договорниот орган по што била донесена Одлуката за избор на постапката за јавна набавка бр.11-34/3 од 17.06.2020 година.
Незадоволен од донесената Одлука за избор на постапката за јавна набавка бр.11-34/3 од 17.06.2020 година, жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки поднесе економскиот оператор од Куманово инаку како носител на група.
Постапувајќи по изјавената жалба, Државната комисија за жалби по јавни набавки изврши увид во досието на постапката на Електронскиот систем утврдила дека жалбата е дозволена, навремена и изјавена од овластен подносител.
-Жалителот во жалбата наведува дека договорниот орган погрешно го применил материјалното право, погрешно и нецелосно ја утврдил фактичката состојба како и дека погрешно го применил Законот за јавните набавки. Имено, договорниот орган донел Одлука за избор на постапката за јавна набавка каде било наведено дека спроведувањето на целата постапка за јавна набавка вклучително и носењето на Одлука за избор на најповолен понудувач морало единствено да го врши посебна Комисија за јавни набавки, а во случајов овој документ Одлука не била донесена од страна на Комисијата туку од АД ЕСМ што е спротивно на Законот за јавни набавки и според жалителот од тој момент наваму предметната постапката е ништовна и сите евентуално понатамошни донесени акти кои се повикуваат на оваа одлука се ништовни и истите не може да произведуваат правно дејство. Со ваквото постапување на АД ЕСМ била извршена суштествена повреда на Законот за јавните набавки прескокнувајќи го единствено овластениот орган за донесување на одлука за избор на најповолен понудувач Комисијата за јавни набавки, се наведува во решението за усвојување на жалба на Комисијата за жалби при јавни набавки од 8 јули 2020 година.
Мониторингот на овој вид жалбени постапки на економските оператори и одлуките на Комисијата за жалби е извршено во рамки на проектот „Анализа на јавните набавки во Полошки плански регион“ спроведуван од страна на невладината организација „Младинска Алијанса“ и „Тетово инфо“.
Граѓаните, екононските оператори, невладините организации и сите заинтересирани преку интернет порталот на Државната комисија за жалби по јавни набавки може да се информираат за жалбите кои ги поднесуваат учесниците во јавните набавки. На под-страницата на интернет порталот, http://reshenija.dkzjn.gov.mk/ постои напредна можност за пребарување по однос на договорен орган, жалител, вид на постапка, предмет, број на решение, број и датум на седница како и број на оглас на јавната набавка.
Во рамките на проектот „Анализа на јавните набавки во Полошки плански регион“ извршен е мониторинг на донесените одлуки на Државната комисија за периодот од 1 јануари до 31 октомври 2020 година за општините Тетово, Брвеница, Теарце, Јегуновце и Желино кои се опфатени во проектот.
Овој текст е изработен во рамки на проектот „Граѓански организации и Медиуми против корупција-Коалиција за нулта толеранција”. Изработката на текстот е со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината на публикацијата единствено се одговорни Младинска Алијанса-Тетово и Тетово Инфо и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.