Деновиве започна да се реконструира објектот на Територијалната противпожарна единица во Тетово. Се работи на промена на подот во целиот објект, поставување нова термоизолација на ѕидовите, менување на сите прозорци и врати, обнова на тоалети, промена на инсталациите за електрична енергија, бојадисување и слично.
Командантот на пожарникарите, Ука Алити истакна дека објектот наскоро ќе ги има потребните стандарди за работа и престој, нешто што се очекува во пожарната со децении.
-Пожарникарите барале да се подобрат условите до локалните и централните институциите но досега барањата не биле земени во предвид. Триесет години не е удрено ни клинец во објектот. Конечно постигнавме да се подобрат условите за работа и престој во нашиот објект. Ние и покрај лошите услови тука во објектот, никогаш не бевме демотивирани туку напротив постојано се обидувавме да дадеме се од себе при гасење на пожари, помагање при природни непогоди, сообраќајни несреќи и друг вид помош на граѓаните при некоја потреба, изјави Ука Алити.
За реконструкцијата Општина Тетово во јануари 2021 склучила договор со фирма од Мала Речица, а вредноста изнесува три милиони 272 илјади 977 денари или над 53 илјади евра. Се очекува работите да бидат завршени за два месеци.
А.С