Тетовските полицајци заедно со вработени во Јавното претпријатие „Национални шуми“- Подружница Лешница Тетово денеска делеа флаери во рамки на кампањата за заштита од пожари „Лето без пожари 2022“. Активноста беше спроведена на наплатната рампа на автопатот кај Желино.
-Полициски службеници на СВР Тетово-Отсек за превенција заедно со претставници од Јавното претпријатие „Национални шуми“- Подружница Лешница Тетово им поделија на речиси 200 возачи флаери, што претставува планирана активност во рамките на кампањата за заштита од пожари „Лето без пожари 2022“. Целта на кампањата во која се вклучени и неколку високообразовни институции од нашата земја, Противпожарниот сојуз, Шумска полиција, професори и студенти е навреме да се превенираат пожарите на отворен простор во летниот период и пред се шумските, кои неретко завршуваат со тешки последици по шумите и имотот и животот на луѓето, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Во дистрибуираните флаери, изработени на македонски и албански јазик, граѓаните поблиску се информираат и се предупредуваат на опасностите од настанување на пожари, на најчестите причини за нивно избувнување, а во нив се наведени и законските импликации, но и последиците од огнените стихии и особено од оние од поголеми размери.
ас