Илија Димитриевски, советникот од редовите на СДСМ во Советот на Општина Тетово смета дека на градоначалникот на Тетово треба да му се одземе мандатот, а не да има избори за нови советници. Во соопштение до медиумите тој го образложува овој негов личен став.
-Целосната неспособност за менаџирање на Општина Тетово овој Ггадоначалник сака да ја прикрие со избори за Совет, со што вината за нефункционирањето на општината ќе премине на некој друг.Советот немаше ниту можност, ниту шанса да се произнесе по Годишната сметка на Општина Тетово за 2021-ва година во законски предвидениот рок, заради тоа што градоначалникот не ја достави оваа точка до Советот до 31.03.2022.Администрацијата на градоначалникот ја поднела Годишната сметка до Централниот регистар во законски предвидениот рок, до 31.03.2022, и таа годишна сметка е одобрена од Централниот регистар, без таа да биде доставена до Советот на разгледување. Заради непочитувањето на законот во врска со ова Градоначалникот треба да понесе соодветна одговорност, истакнува Димитриевски.
Според него вистината е дека годишната сметка е само изговор на градоначалникот и не е причината заради која сака да го распушти советот.
-Да беше тоа причината, градоначалникот ќе поднесеше барање за распуштање на Советот уште на 07.04.2022, кога на 9-тата седница на Советот, администрацијата ја достави годишната сметка на разгледување до Советот. Годишната сметка за првпат беше доставена до Советот на разгледување на 9-тата седница на Советот која се одржа на 07.04.2022, по изминувањето на законскиот рок (31.03.2022), што може да се види од видео снимката од оваа седница. Градоначалникот со сопствена дискусија ги поттикнува советниците од мнозинството да не ја гласаат годишната сметка, вели Димитриевски.
Тој потсетува дека советниците на седницата бараа од градоначалникот образложение зошто е доставена годишната сметка со доцнење, и образложение за тоа кои се последиците доколку не се изгласа Годишната сметка, но според Димитриевски на тоа ниту градоначалникот, ниту администрацијата не дадоа одговор. Додава дека за годишната сметка гласаа советниците на СДСМ и советниците на ДУИ, а останатите советници од мнозинството се воздржани.
-Вистинската причина за барањето на распуштање на советот од страна на градоначалникот е нарушеното мнозинство. На 10-тата седница на 27.04.2022, по неуспешно изгласаниот дневен ред, на координација сите советнички групи уверија дека немаат проблем да го изгласаат дневниот ред доколку се дополни со нивните предлози, и тогаш Годишната сметка ќе беше изгласана. По мои информации градоначалникот е причината зошто седницата не продолжи. Тој иако знаел дека ако ги прифати предлозите за дополнување на дневниот ред, истиот ќе се изгласа и седницата ќе продолжи, не го дозволил продолжувањето од инат кон советниците. Одговорно тврдам дека советниците во овој советнички состав, и опозиција и позиција многу често се согласуваа и често заедно поддржуваа предлози кои се во интерес на граѓаните, потенцира Димитриевски.
Советникот смета дека е градоначалникот манипулира кога вели дека се исполнети условите за распуштање на советот.
-Според член 75 став 1 точка 3 од Законот за локална самоуправа, Советот се распушта доколку не го донесе буџетот и годишната сметка до 31.03 во тековната година. За да влезе во сила оваа законска одредба, треба кумулативно да бидат исполнети двата услови, а буџетот е донесен од страна на Советот уште во декември 2021-ва.Намерата на законодавецот со овој член е да се спречи блокирање на работата на општината од страна на Советот со не донесување на Буџет и Годишна сметка. Во нашиот случај немаме блокада од страна на Советот, туку блокада од страна на Градоначалникот, изјави Димитриевски.
Според него нелогично е да се дозволи граѓаните да плаќаат над пола милион евра за нови избори за Совет на само неколку месеци од минатите избори.
ас