Општинската организација на СДСМ од Тетово испрати реакција на саботната реакција на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ за прес конференцијата на тетовските социјалдемократи во петокот.
-Уште една од низата промашени пишани реакции од локалците од Вмро Дпмне Тетово, по принципот „многу збори, ништо не кажува“. Знаeме дека економијата ви е „силна страна“, па од 11 годишното пљачкосување на државата од страна на вашите шефови, сега ви е заматен паметот од 3 годишниот пост, па оттука не сте во можност да ги согледате фактите кои ви се пред нос, а сакате да водите држава.
Мора да ви се признае одличната перцепција за квалитетна шминка, штом имате потреба во два наврати да ја потенцирате. Првиот пат со членот на Извршниот одбор Дијана Војновска и еве сега со Мелиса Ценовска Серафимовска , исто така член на Извршен одбор на ОО СДСМ Тетово. Освен перцепција за козметички производи, која мора да ви се признае дека дури и вие одлично ја познавате, другото ви е „млатење празна слама“, затоа што бројките друго кажуваат.
Кога веќе сте толку „вешти во проценки“, редно време е да се позанимавате со „вредноста “ на тангата од Ивона Талевска, потоа со имотот во Скопје на вашата бивша пратеничка, со наочарите на бегалецот Груевски, за на крај да завршите со хидроцентралите на вашиот сегашен лидер Христијан Мицковски а.к.а Хидро Мицко.
Пишани реакции каде освен лични дискредитации и понижувања не се нашиот фах, па затоа би се задржале на реалните бројки и факти. Водејќи се по максимата „Повторувањето е мајка на знаењето“, повелете уште еден час по економија.
Во време на Вмро Дпмне минималната плата во најголемиот пик изнесуваше 9.000 денари. Сега е 14.500 денари. Мора да напоменеме дека вие НЕ САКАВТЕ И НЕ ГЛАСАВТЕ за овој закон со цел граѓаните да добијат повеќе пари во домашниот буџет, па би ве замолиле лицемерието да го чувате за внатрепартиски „билдања“ на вашето членство.
За две и пол години воведовме плата за лекарите специјалисти, ја зголемивме социјалната помош за 300 проценти, од први јануари ги зголемуваме пензиите за 900 денари, а просечната плата веќе изнесува скоро 450 евра, со тенденција до крајот на овој мандат да дојде до ветените 500 евра. Имено ова се само дел од економските и социјални мерки. Ова се бројки кои постојат и ниту едно ваше „шаблон бледо соопштение“ не може да ги избрише. Бројки и факти кои и вие и вашите членови сместени во државни институции ги уживате.
Само да ве потсетиме дека во ваше време бензинот достигна цена од 90 денари за литар. Уште една казна ќе ве стигне на 12-ти Април идната година, па оттука е јасно зошто освен шминка и козметички производи како и лични дискредитации ви се омилена тема. Немате идеја, немате програма, немате кадар. Имате само цел да дојдете на власт за да продолжите со руинирањето и пљачкосувањето на Македонскиот народ. Овој пат НЕ! Можеби некогаш, кога отворено и искрено ќе се извините за сите злодела направени врз граѓаните. Вмро Дпмне Тетово, седи, недоволен – 1, се наведува во дописот од Центар за комуникации при ОО СДСМ Тетово.