Министерот Оливер Спасовски, кој за два дена треба да ја преземе функцијата премиер во техничката Влада пред одржување на изборите, од Тетово истакна верување дека опозицијата ќе предложи нов кандидат кој ќе го раководи министерството за внатрешни работи. На новинарско прашање дали очекува нов предлог од опозицијата тој одговори потврдно.
-Мислам дека тоа ќе го направат и заеднички ќе влеземе во таа преодна Влада која треба да ги заврши сите овие процедури до изборите. Подготвени да продолжиме исто со таква динамика и со посветеност да работи за граѓаните во периодот предизборниот затоа што Македонија не смее да си дозволи да се стопираат проектите да застој во реформите во развојот, напротив треба енергично, цврсто, да газиме напред заради граѓаните и иднината на Република Северна Македонија, истакна Оливер Спасовски.
Исто така на новинарско прашање дали можеби ќе се прифати сегашниот предлог за министер, Спасовски порача дека мора да се почитува Уставот.
-Ставот дека мора да се почитува устав е став кој не може да биде променет и тој став треба да го почитуваат сите. Владата ќе функционира од моментот кога ќе биде избрана а тоа треба да се случи на трети јануари. На трети јануари мора да се случи затоа што изборите ќе бидат на 12 април, рече Спасовски.
А.С