И понатаму има потреба од редовно полициско присуство околу училишните објекти и градинките и по завршување на наставата во функција на спречување на собирање на млади лица во нивните дворови и разни форми на девијантно однесување, особено во вечерните часови и во деновите на викендите. Ова беше заклучокот од денешната средба во Општина Тетово на директорите на училиштата, претставниците на локалната самоуправа, претставници на невладини организации и здруженија, како и на верски организации.
-Оваа средба е во рамки на планираните активности кои во континуитет се организираат со почетокот на секоја нова учебна година, а чиј носител е Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово. Интерактивно се дискутираше за актуелните состојби со безбедноста во училиштата и градинките, пред се во сферата на јавниот ред и мир и сообраќајот, информира СВР Тетово.
На средбата е потенцирано и побарано од полицијата санкционирање на погрешно паркирани возила на тротоарите пред училиштата и градинките, за непречено и безбедно движење на пешаците и учениците. Исто така било иницирано спроведување на сообраќајно-едукативна акција во текот на овој месец со најмладите основци за запознавање со сообраќајните знаци и правила.
А.С