Книгата „НОБ (Народно-ослободителната борба) во селата под Љуботен“ како и Вратничка енциклопедија се дел од публикациите во кои жителите на Вратница и околните села ги имаат евидентирано состојбите за време на Втората светска војна и окупацијата од бугарската фашистичка војска. Во втората светска војна токму во Тетовско била и една од границите помеѓу бугарската и италијанско/балистичката окупација, со поставена граница кај Теарце. Вратница и околните села биле под бугарска окупација.
Книгата „НОБ (Народно-ослободителната борба) во селата под Љуботен е од авторот Душко Атанасовски издадена во 1971 година. Детално се образложени убиствата на младите луѓе во Вратница кои се направени во октомври 1943 година.
-Селата под врвот Љуботен, Вратница, Беловиште, Старо село и други кои во текот на Втората светска војна се под окупација на фашистичката војска од Бугарија за неколку дена во октомври 1943 година бележат убиства и масакрирале на 15 луѓе, активисти, соработници и борци на народоноослободителното движење. Двајца се борци на Шарскиот партизански одред, 5 активисти од Вратница, 5 од Старо село и двајца овчари од Орашје и еден активист од Беловиште, се наведува во книгата „НОБ во селата под Љуботен од авторот Душко Атанасовски, првоборец и носител на партизанска споменица од 1941 година.
Една од потрагичните судбини на младите луѓе од Вратница е евидентирана и во „Вратничка енциклопедија“. Станува збор за 19 годишниот Симче Настовски кој е заробен, мачен и убиен неколку дена пред неговата свадба.
-Симче бил фатен во својата куќа. Бил одведен во општинската зграда средсело, каде бил мачен за да каже се што знае за борците и за шарскиот партизанскиот одред. На пат кон планината Бугарите уапсиле уште двајца вратничани Стеван Крстевски и Стоље Ацовски и сите заедно се мачени и убиени, се наведува во енциклопедијата.
Неговата мајка Менџа неколку дена иако го немало Симче, продолжила со подготовките за свадбата. Во саботата кога го нашле мртов во планината и го донеле во село, таа наредила на роднините и соседите дека ќе продолжи со подготовките.
-Свадбата на Симче наместо дома, ќе му се прави на гроб. Ако Симче не се оженил за Лена, ама барем погинал за слобода“ изговорила Менџа.
Сакала да се овековечи моментот па повикала и фотограф од Тетово, што за тоа време било многу тешко изводливо, но сепак тој стигнал и ја направил фотографијата од погребот која е поставена во Вратничка енциклопедија издадена во 2019 година.
Основното училиште во Вратница е именувано по Симче Настовски.
Александар Самарџиев