24 годишната Кристина Добревска од Тетово, дипломиран машински инженер, беше претставена како дел од инженерскиот тим на најновата странска инвестиција во Македонија, канадската компанијата „Магна“ која денес ја презентираше отворената фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона во Струга. Кристина која ќе работи како инженер за квалитет во прозиводство во фабриката, посочи дека ваквите инвестиции се можност младите да останат во сопствената држава.
-Сметам дека ваквите инвестиции се од круцијална важност младите да останат во државата, нудат многу можности за младите да решат да останат во државата. Младите да не се плашат од предизвици да веруваат во себе и да вложуват во нивното знаење бидејќи тоа ќе значи отворање на врати и вработување како во компанијата Магна, рече Кристина, која дипломирала 2019 година на Машинскиот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј.
„Канадската компанијата „Магна“, донесе одлука да инвестира и отвори фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона во Струга, а на денешната промоција присуствуваа и највисоките владини претставници.
Инвестицискиот циклус на „Магна“ започна во март 2021 и ќе трае до 2026 година, а објектот кој ќе се гради ќе биде со големина од околу 17.000м2. Фабриката ќе произведува ретровизори за „Дачиа Дастер“.Во моментот веќе се вработени 40 лица, а согласно договорот за државна помош ќе бидат вработени 300 наши сограѓани. Според бизнис планот на компанијата во наредните 10 години се планирани над 1.200 работни места.
Согласно договорот за државна помош, висината на инвестицијата изнесува најмалку 35 милиони евра.
Потпретседателот на компанијата „Магна“, Дејвид Креспи, ја презентираше новата инвестиција во Струга и рече дека „Магна“ има 160.000 вработени низ светот, присутна е во 21 земја со 350 производни погони. Бизнисот освен во Северна Америка и Европа, веќе го шири и на азискиот пазар. Во 2020 година остварила 33 милијарди долари обрт, а во 2019-та вкупно 40 милијарди.
На настанот во своите обраќања младите инженери вработени во „Магна“, Кристина Добревска и Мишо Велјаноски упатија мотив за сите идни заинтересирани за професионален развој согласно современи стандарди.