Преку ИАЕСТЕ – Меѓународна асоцијација за размена на студенти од техничките факултети меѓу многумина студенти и млади лица од Тетово имаа можност да поминат неколку месеци на платена студиска пракса надвор од Македонија.
Ви ги пренесуваме искуствата на Јована Коцевска и Стефан Петрушевски. Јована била на пракса во Босна и Херцеговина, додека Стефан во Австрија. Двајцата студираат на Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство (ФИНКИ) во Скопје.
Стефан Петрушевски : скијање, планинарење, и пракса
Минaтата година имав можност да заминам на тримесечна пракса во Инсбрук, Австрија. Инсбрук се наоѓа во западна Австрија и тој е главен град на регионот Тирол. Градот се наоѓа помеѓу три големи планини, а воедно и познатите скијачки центри Нордкете, Пачеркофел и Серлес. Исто така градот е познат по тоа што двапати таму се одржани зимските Олимписки игри (1964 и 1976), како и зимските Олимписки игри за млади (2012). Работев на Универзитетот во Инсбрук во „лабораторијата“ (што повеќе наликува на катедра кај нас) за интелигентни интерактивни системи. Тие работат на истражувања поврзани со роботика, длабоко учење, reinforcment learning и нивната примена во роботика. Јас, како некој што немал допир со роботика, работев на истражување за машинска визија. Поконкретно, пробувавме да видиме дали длабоките невронски мрежи можат да прават асоцијации меѓу сцени и објекти на сличен начин како што прават луѓето. Праксата ја започнав со 4-дневен тим билдинг во еден од многуте скијачки центри во близина на Инсбрук, Обергургл. Работев по 19 работни часа неделно со флексибилно работно време, па имав и доста слободно време.
Престојував во селото Матреи ам Бренер, кое е 20 км оддалечено од Инсбрук (15 мин со воз), и 16 километри од Италијанската граница, па често пати одев и до Италија на еспресо и пица или тестенини (и иако е само 20 километри разлика, Италијанските тестенини се многу поразлични и повкусни). Останатото време го користев за планинарење, скијање и bouldering (качување по мали вештачки карпи). Исто така еден викенд бев и на отварањето на сезоната на скијачкиот светски куп во Солден. Инсбрук е интересен и поради скокалницата Бергизел, која е една од четирите големи скокалници во зимската сезона, и поради „Кристалниот свет“ на Сваровски, која е една од најатрактивните дестинации во Австрија.
Исто така ги посетив и Салзбург и Виена. На крајот од праксата го посетив и замокот Neuschwanstein кој е инспирацијата за логото на Дизни (и замокот во Disneyland) и истиот се наоѓа во југозападниот дел на Баварија, Германија. Во поглед на храната, Австрија е позната по Wurst (виршли и колбаси), Schnitzel и чоколадните кугли Моцарт. Целиот регион Тирол е познат по млекото и по тоа што кога и да одиш надвор од град слушаш ѕвончиња од крави и дури има и знаци со упатства што да правиш доколку наидеш на крава. Австрија е позната и по шнапсот (кој сепак не може со нашата жолта…), а во зимскиот период особено е позната по Gluehwein (греаното вино) и Raclette (вид на топен кашкавал кој е всушност швајцарски специјалитет). Бидејќи заминав на пракса во последната четвртина од годината имав прилика и да ја почуствувам атмосферата за време на Божиќните празници. Ви препорачувам на сите да ја искористите можноста и да одите барем еднаш на пракса во странство. Ако ништо друго, ќе видите поразличен пристап кон работата од тоа што може да се види на пракса кај нас, раскажа Стефан.
Јована Коцевска : Сакаш пракса на Балкан? Зошто? Поубаво седи си тука… беа низа од коментарите што ги добив кога сакав да аплицирам за пракса во Босна и Херцеговина. Немав никакви очекувања, не знаев каде точно одам, но бев сигурна дека ќе биде многу слично како кај нас. Праксата за која аплицирав беше во времетраење од 4 недели (јули-август), па си реков ајде да пробам за почеток нешто што ќе биде пократко, ако ништо друго ќе почуствувам како е да живееш сам месец дена без своите пријатели и без секојдневните обврски.
За брзо време ми стигна потврден мејл дека сум примена на пракса. SPARK Business Park е името на компанијата во која работев,лоцирана во Мостар. Како за прва пракса аплицирав да работам frond-end, бидејќи тоа беше полето во кое се чуствував посигурно, но ме убедија да изберам back-end. Првата недела ми дадоа да учам нов програмски јазик GoLang. Втората и третата недела имав задача да направам REStful API за управување на инвентар на една фирма (CRUD операции како и RBAC). Последната недела ја искористив за спојување на дата базата со проектот и тестирање на истиот. Имав флексибилно работно време односно можев да одам кога сакам помеѓу 7 и 10 часот наутро и да бидам таму минимум 8 часа, вклучително и пауза. Луѓето во компанијата беа многу учтиви, се грижеа за секоја ситница и секогаш беа пријателски настроени.
Мостар е преубав град, но колку што е убав колку е и претопол. Тој факт беше нешто за кое дефинитивно не бев спремна, вечерите беа пеколно топли (дури и до 28 степени). Она по кое тој град е познат е Мостаркиот Стари Мост, сигурно сите сте слушнале за тоа па нема да раскажувам истории. Нормално таму не бев сама. Во тој период со мене имаше уште 4 практиканти. Сите бевме од различен факултет и сите си бевме приказна за себе. Исто така луѓето од ИАЕСТЕ комитетот беа постојано со нас и секоја вечер не дружеа. Често одевме на прошетка низ градот, по пабови, клубови, па никогаш не ми беше досадно. Често изигравав и преведувач бидејќи таму со англиски јазик не можеш баш да се снајдеш, па практикантите кои беа со мене сметаа дека сум многу паметна поради тоа, не дека ми пречеше ама беше пресмешно.
Храната е иста како и тука, па во тој дел немав проблеми. За доручек обавезно бурек со месо, за ручек за прв пат се осмелив да пробам и ќебапи ( не сум љубител на меленото месо, но беа вкусни), уштипци, шишќебап… За десерт обавезно баклава, а денот не може да го завршите без босанска кава.На крајот од праксата направав и мала тура па бев и до Сараево, Дубровник и Сплит. Она што го научив е дека дефинитивно никогаш не треба да слушате што другите ќе кажат и не треба да дозволите никој да влијае врз вашиот избор бидејќи додека не отидете и не искусите сами како е да си на пракса во странство, па макар и толку блиску, нема да знаете што ве очекува. Се надевам дека успеав да ви пренесам како изгледаше мојата ИАЕСТЕ пракса. И дефинитивно не може да ја напуштите Босна ако барем еднаш не ја отпеете I am from Bosnia, take me to America… (Јас сум од Босна, однесете ме во Америка), раскажа Јована.