Tетово има голема потреба од формирање на институција и наоѓање на соодветна локација и простории-засолниште во кои би се згрижиле жените и децата кои се жртви на семејно и родово насилство. Ова беше потенцирано на денешната панел-дискусија во општинската сала која се организираше по повод означување на почеток на работа на нов Женски центар за поддршка на жртви на семејно насилство на Национална мрежа против насилство и семејно насилство и локалната партнерска граѓанска организација Кортекс.
Од овие невладини организации велат дека иако има средства од донации како за овој Центар за поддршка, потребна е институционална грижа за таков вид на објект каде жртвите на семејно насилство би се се засолниле.
-Ние веќе работиме со Министерството за труд и социјална политика, во нивна надлежност е воспоставување на шелтер центар. Тие ја знаат состојбата во регионот и се надеваме дека за одреден период ќе успееме да воспоставиме ваков сервис центар за згрижување на жени кои преживеале насилство, изјави Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство и семејно насилство.
Од тетовскиот центар за социјална работа велат дека таков шелтер центар ќе значи многу за големиот проблем каков што е семејното насилство, а сметаат дека повеќе институции треба да работат заеднички.
-Потребата е неминовна. Час поскоро би требало една таква институција да се формира и да ја има за почеток овој полошки регион, не само како Тетово како општина туку и целиот полошки регион. Институциите треба да си ја изработаат својата работа, во секој случај не е едноставно тоа да се отвори. Туку системски треба да се постават работите. Наша интенција како Центар за социјална работа и како МТСП и локална самоуправа треба да се вклучи за да најдеме начин, системски да го поставиме и решиме ова прашање, изјави Дарко Обадиќ, директор на Центарот за социјална работа во Тетово.
Центарот за поддршка кој денес беше претставен засега нуди совети и услуги за жените кои би сакале да побараат институционална помош, да добијат психолошко советување или помош во наоѓање нова работа.
ас