Иницијативата „Тетово сака парк“ пред еден месец на 21 февруари до општината поднесе предлог со кој побара основање на градски парк, денеска се обрати со отворено писмо до советници во општината, барајќи вклучување и поддршка за иницијативата. Самото отворено писмо содржи и покана за консултативна средба со советниците, каде тие ќе имаат можност да се запознаат подетално со иницијативата и директно да добијат одговори за истата.
-Нашиот предлог за формирање на прв вистински градски парк во Тетово доби широка поддршка од жителите на градот, од многумина стручни лица и респектабилни организации. Се потрудивме во духот на почит и добронамерност, наместо да ги набљудуваме тековите, да проговориме гласно за нашите потреби, силно верувајќи дека тоа ќе биде чуено и препознаено од тие кои одлучуваат, а со тоа и тековите ќе се променат и ќе се преклопат со јавниот и општиот интерес. Сегашната ситуација говори дека е дојдено крајно време да размислуваме за луѓето, а не за приватниот капитал. Нашиот предлог се однесува на формирање на прв вистински градски парк на појасот кој природно го формираат поранешните економски субјекти ШИК „Јелак“ и „Монопол“, како и Паркот „Жена борец“, Спортската сала и Спортскиот центар. Ова е последната локација во градот каде може да се создаде уредена зелена оаза во која квалитативно, на многу повисоко ниво, жителите ќе можат да го поминуваат своето време, пронаоѓајќи нови здрави навики во секојдневното живеење, кои сега поединецот, дури и да има волја, нема елементарни услови да ги реализира во нашиот град“, стои во писмото.
Иницијаторите истакнуваат дека силно веруваат во личниот и професионалниот интегритет на секој еден член на Советот на општина Тетово, како и грижата за вистинските потреби на граѓаните и долгорочната визија за хуман развој на градот.
-Преку ова отворено писмо Ве повикуваме да се приклучите, да ја прифатите иницијативата и согласно Вашите, со закон утврдени надлежности, да побарате Советот на Општина Тетово во најскоро време да го разгледа поднесениот предлог од иницијативата „Тетово сака парк“ со давање на можност за произнесување од претставници на подносителите, по што бараме да поддржите реализација на предложеното низ соодветни постапки“, се вели во писмото.
Предлогот до општината минатиот месец беше поднесен со околу 60 потписи на истакнати граѓани од Тетово, универзитетски професори, архитекти, лекари, спортисти, додека пак онлајн петицијата доби повеќе од 3.000 потписи на граѓани. Зад иницијативата застанаа и шест планинарски клубови од Тетово, а доби поддршка и од над 60 лекари и здравствени работници кои преку отворено писмо позитивно се изјаснија за паркот и придобивките од него.
ас