Кога и како ќе најде решение за огромните купишта смет во Тетово новата локална самоуправа е прашање кое го поставуваат жителите на градот. Веќе втор месец како општината ја раководи новиот градоначалник Биљал Касами и нов директор на комуналното претријатие но сликата со насобраниот смет останува иста како и порано.
Речиси секојдневно покрај преполните контејнери има и дополнителни купишта смет. Тетово и понатаму ги има тие неколку „црни точки“ каде се фрлаат големи колични смет на самата земја бидејќи нема доволно контејнери. Таков е примерот со местото пред православните гробишта каде порано имало контејнери, а сега едноставно отпадот се фрла на самата земја. Така дури и на повеќе места околу гробиштата се формираат големи купишта смет. Коритото на река Пена е уште едно место кое редовно е полно со фрлените отпадоци, па дури голем кабаст отпад како делови од мебел, возила и расипани апарати за домаќинствата. Големи количини смет покрај контејнерите има и до зградата на општината, касарната, на патот кон Попова Шапка и повеќе локации.
По преземањето на Општина Тетово градоначалникот Биљал Касами постави нов директор, а на прес-конференција објави дека Јавното комунално претријатие (ЈКП) Тетово должи над девет милиони денари. Повеќе од една недела не добивме одговор на новинарското прашање до Општина Тетово дали ќе се воведе некој нов начин, постапка или инфраструктурно решение со цел да се избегне честата појава големи количини смет да има покрај преполните контејнери или на други места каде се формираат како диви депонии.
Градоначалниците во полошкиот регион од претходните гарнитури формираа заедничко комунално претријатие кое треба во иднина да ја формира современа и стандардизирана регионална депонија Русино како долготрајно решение за справување со сметот во полошкиот регион па и со тоа во Тетово. Од друга страна самите избори ја успорија и ги одложија голем дел од постапките.
Сега се чека на новите градоначалници да уплатат околу 200 илјади евра учество за субвенционално започнување на претријатието со работа. Тие средства се делат според бројот на жители и динамика.
-Очекуваме Совет на градоначалниците на Полошкиот плански регион за прв да ги собере сите градоначалници, да им се објасни каква е состојбата, до каде сме со градежни работи, со екипирање на претријатието и такви работи и се очекува таму да донесат одлука за динамика за исплаќање на овој долг, изјави Бесим Догани, директор на комуналното претријатие „Полог-Русино“.
Со оглед дека од Тетово досега сметот се носи во скопската депонија Дрисла, оставањето на сметот во Русино ќе значи една можност за помалку трошоци но и повеќе време за собирање и носење на смет. Ако до Дрисла требаат околу три часа за еден камион да оди и да се врати, тоа за до Русино ќе биде двојно помалку. Од таму надежта дека почесто ќе може да се собира смет од контејнерите и купиштата смет низ градот.
-Инфраструктурата е во завршна фаза, патот е асфалтиран до депонијата Русино. Заграден е патот со заштитна жица за спречување на диво фрлање на отпад од диви фрлачи. Има чуварска капија лево од патот кој води за Русино. Поставена е колска вага со апаратура, ќе правиме обука на нововработени за работа со колска вага и за користење на пумпите за прочистување на отпадните црни води, вели Догани.
Тој се надева дека полошките општински за кратко време ќе ги дадат средствата за профункционира претријатието.
-Потоа ќе биде профитабилно претријатие и ќе се наплаќа одлагањето на отпадот. Кога ќе се дадат парите ќе се донесе и тарифник и ќе може да се носи отпадот. За висина за тон отпад одлагање советот на градоначалници ќе одлучува и ќе им се тарифира на комуналните претријатија, објаснува директорот.
Понатаму во втора фаза на стратегија за регионално справување со отпадот предвидува трансфер станица во Тетово и организирано носење на сметот до Русино како и фабрика за рециклирање на сметот.
Овој проект, со крајна цел Русино како регионална депонија, е почнат во ноември 2017 кога е потпишан договор со швајцарската агенција за развој и соработка и нивната амбасада за финансирање на стандардизација на депонијата.
Тетовци долги години се соочуваа и со големи диви депонии од илјадници тони смет кои комуналнотото претријатие ги оставаше на старите локации за претоварна станица. Такви имаше на самата железничка станица, близу излезот кон Скопје и на самиот автопат, а сега претоварна станица има во правец кон селото Фалише.
Александар Самарџиев