Тетовските пожарникари во текот на 2021 година имале вкупно 646 интервенции во пожари и сообраќајни несреќи, бележи нивната евиденција. Оваа бројка ја илустрирала секојдневната работа и интервенирање на Територијална против пожарна единица-Тетово (ТППЕ) вели командантот на пожарникарите Ука Алити.
-Сите овие 646 наши интервениции на пожари се направени не само на подрачје на Тетово туку и на петте други рурални општини. Ние покриваме една од најголемите територии од Јажинце до Пирок, а во текот на годината секако сме биле да им помагаме на колегите во општините Гостивар и Маврово-Ростуше. И понатаму јас би апелирал руралните општини да формираат доброволни противпожарни друштва или општински интервентни единици кои би направиле првична интервенција додека не дојдеме ние, изјави Ука Алити.
Голем дел од пожарите годинава се случиле на отворен простор. Според Алити над 200 од вкупниот број интервенции се случиле на шумски предели, обработливо земјиште и полски подрачја.
-Интервенциите може да ги поделиме според годишните сезони и периоди. Од јануари до април најчести се пожари на оџаци. Потоа во лето следуваат пожари на отворено, вели Алити.
ТППЕ Тетово има вкупно 11 возила и 74 вработени пожарникари.
-Бројката на вработени не ги задоволува потребите на тетовските општини според бројот на население. Сега особено во време на пандемија ние се соочуваме постојано со неколку луѓе кои се на боледување, потоа користење годишни одмори и слично. Ни требаат повеќе пожарникари, рече Алити.
Во првите три дена од 2022 пожарната имаше вкупно шест интервенции на пожари.
ас