Во еден ден или за помалку од 24 часа тетовскиот алпинист Надир Мурсели успеа да се искачи на три врвови на Шар Планина- Титов врв, Кобилица и Љуботен. За да стигне до трите врвови му беа потребни околу 20 часа, со поминување на висинска разлика од од 4000 метри и поминати 53 километри со пешачење.
Акцијата ја започна вчера четврток 19 мај во еден часот по полноќ кога со логистичка поддршка од колегата Лабинот Ахмети тргна почна од Попова Шапка кон Титов врв. Екстремната планинарска тура до трите највисоките планинарски ја заврши околу 21 часот на врвот Љуботен.
-Искачување на три врва во еден ден како што се Титов врв Кобилица и Љуботен се исклучително напорни. Јас си поставив цел од три врва – не еден,два туку три. Целта е многу битна, не сум тркач во планини или маратони едноставно само со одење-планинарење. Фокусот е исто многу битен, а а тоа е планината. Среќен сум што за време на искачувањето вчера темата беше само планината и што имав со кого да ја споделам во телефонските разговори и пораки од типот до кај си,уште колку има, каде си и слично, вели тетовскиот планинар Мурсели, инаку член на клубот „Љуботен“.
Тој авантурата ја започна со планинарење од Попова Шапка до Титов врв на 2747 метри надморска височина и назад до Попова Шапка. Потоа следуваше врвот Кобилица на 2528 метри со пешачење на релација Бродец-Кобилица-Бродец. Искачувањето до последната дестинација врвот Љуботен на 2499 метри го започна од Старо село.
-Живееме во едно време кое се вика стрес, но животот е убав на планина. Се движев потполно сам кон Титов врв, а се гледаше целиот полошки регион. Го дочекав изгрејсонцето на Титов врв.Ова се нешта што не се купуваат и затоа вредноста им е поинаква и поголема, вели Надир.
Тетовскиот планинар е роден 1977 година, а од детството е учесник во планинарските искачувања, а потоа и со алпинизам. Има долга листа на искачени врвови и алпинистички насоки на карпи. На Алпите има искачено 13 врва над 4000 метри, а вкупно 40 пати бил на сите алпски врвови затоа што има и живеено во Швајцарија. Највисоко Надир стигнал на Хималаите, на Ајланд Пик на 6.200 метри надморска височина, како и Мекинли и Аконкагва. Едно од поинтересните патешествија на Надир Мурсели е и искачувањето на Титов врв каде ја дочекал и новата 2000-та година.
ас