Тетовските пожарникари членови на независниот синдикат на државната админстрација денес одржаа протест во кругот на пожарникарската единица. Тие повторно бараат од општината како основач да ги исплати ветените додатоци на плата кои беа предмет на договор во јуни 2019 година.
-Пробиени се разумните рокови за нашите законски проблеми. Беше договорено да се надминат проблемите меѓутоа, од нивна страна не е одговорено, само одолговлекуваат временски и до денес нема ни одговор. Тражиме по закон што ни следува, изјави Сашо Мишевски, претседател на синдикалната подружница во Тетово.
Тетовските пожарникари имаат четири барања.
-Бараме да имаме колективно службено осигурување од работодавецот, тоа е повеќедецениски спор, во цела држава само овде нема колективно осигурвање. Како второ, секаде е направена корекција на додатоци на плата при работа ноќе, празник, викенд, редовна работа и дополнителна работа и дополнителни часови само овде не се корегирани и останале на исто. Ова ни го овозможува законото за пожарникарство, актот за преземање и законот што е потпишан на ниво на држава од 2017 година. Трето, како колегите што добија во Скопје и ние бараме корекција на платата на дополнителни 20 отсто за ризик. Тоа не е вметнато во плата. Тука сме поддржани од законот за исплата на плати на пожарникари од октомври 2017. Четврто, со судска спогодба за претходните години договорено е да се исплатат 60 илјади денари по тужба, до сега целосно не се исплатени, а има исплатено по 20 илјади денари, истакна Сашо Мишевски.
На протестот пожарникарите истакнаа дека даваат краток рок да одговори општината на нивните барања, по што ќе продолжат со протести.
На 27 јуни 2019 претставници на синдикатот на пожарникарите во Тетово и градоначалничката Теута Арифи одржаа состанок при што се договорија да се надминат разликите околу платите и условите за работа поради што јавно протестираа вработените во тетовската противпожарна единица неколку недели претходно. Двете страни формираа работна група која имаше задача да го реализира договоро преку вонсудски договори да се исплаќаат разликите околу исплата на платите.
А.С