Голем револт изразуваат граѓаните во Тетово што често пати се случува сега во период на пандемија да немаат вода. Годинава во неколку наврати секој месец се соочуваат со прекини и рестрикции поради недоволни количини вода и дефекти во мрежата. Од друга страна, од ЈКП Тетово велат дека надминат е најновиот проблем, а деновиве се очекува поголемо подобрување на состојбите.
-Kако тоа секогаш нема ни капка вода на Два Бреста, Колтук и сите населби во стариот дел а во центар има. Срамота, во време на пандемија, грга вода од Шара,се нешто се случува. Зошто лажете, проблемот е во Лешница. Срамота е во 21 век да нема вода. На оваа пандемија и зарази немаме вода за да измиеме раце, мизерија. Од понеделникот немам вода, само вчера имаше поколу полноќ колку да се наполни некое шише, се дел од коментарите на граѓаните на социјалните мрежи на објавите на комуналното претријатие.
Од работната единица „Водовод и канализација“ при ЈКП Тетово објаснуваат дека исчистени се два филтри во пречистителната станица што беше најновиот проблем од пред неколку дена.
-Сега има топење снег, па водата носи земја и се дел од пролетните проблеми со кои се соочуваме. Филтерите се исчистени и постепено ќе се полни системот со вода и ќе стигнува до домаќинствата во сите делови од градот, вели Љуљзим Шаќири, раководител на работната единица.
Април е месецот кога со топење на снегот за тетовскиот водоводен систем ќе значи можност да се зголеми издашноста на изворите.
-Практиката покажува дека после 10 април издашноста на изворите се зголемува и со тоа ќе има доволно вода за пиење. Се топи снегот на повисоките предели на Шар Планина што резултатира со зголемување на издашноста на изворите со вода кои се наоѓаат на тие места, вели Шаќири.
Во моментот градот се снабдува со 320 литри вода во секунда. Од тие 260 литри се од стариот и новиот водоснабдителен систем, како и 60-ина литри од бунарите во Тетово.
А.С