Македонскиот претседател Стево Пендаровски вчера го додели признанието „Инженерски прстен“ на 12 најуспешни дипломирани инженери, меѓу кои е и тетовчанката Ана Марија Стаменкоска како најдобар дипломиран инженер на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека доделувањето на признанието „Инженерски прстен“ претставува раритетна и особено значајна манифестација која годинава се одвива по 18-ти пат, што укажува на еден континуитет и изградена традиција.
-Верувам дека инженерскиот прстен веќе прерасна во успешен и оригинален проект кој ја остварува првичната цел – афирмирање на инженерските професии и нивното значење за општеството“, рече претседателот Пендаровски.
Признанието „Инженерски прстен“ го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, чија цел е да се поттикне изучувањето на инженерството со што ќе се придонесе кон создавање на квалитетен инженерски подмладок. Овогодинешни добитници на признанието се 12 дипломирани инженери.