Поради постојано лизгање на земјиштето уште денови ќе бидат потребни за да се заврши поставувањето на цевководот долг 60-тина метри во месноста Лешница со цел да се овозможи функционалност на новиот водоснабдителен систем, информираат од Јавното комунално претријатие „Тетово“. Со тоа во Тетово ќе надмине период од една недела како жителите имаат отежнато водоснабдување и рестрикции.
-Иако во петокот и саботата беше завршено носењето на трите дела од вкупно 60 метри цевковод истиот не може да се користи поради лизгање на земјиштето и со тоа на цевките. Местото е калливо и ја отежнува работата со багери. Треба да направиме нова и подобра основа за поставување на цевката долга 60 метри и да се спои со водоснабдителниот систем. Работите ќе мора да траат уште неколку денови, информира Љуљзим Шаќири раководител на работната единица „Водовод и канализација“ при ЈКП Тетово.
И понатаму ќе останат на сила рестрикциите во водоснабдувањето поради недоволните 200 литри од стариот систем и бунарите. Водоснабдувањето е во прекин од полноќ до 5 часот, потоа од 8:30 до 11 часот и од 15 до 18 часот.
Минатиот вторник беше евидентиран проблемот откако 60 метри цевковод од новиот водоснабдителен систем беше уништен од свлечиште на земја поради што Тетово остана без 150 литри вода во секунда.
А.С