Шест ученици од Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ од Тетово се стекнаа со награди за најдобри настапи на шестиот по ред меѓународен фестивал„Полихимнија 2021“ во Скопје.
Под раководство на наставничката по пијано Соња Андонов, прво место освои Андрија Нацески од второ одделение, а второ место Матеа Ѓорѓеска, исто така второ одделение.
Прва награда за настап на гитара освоија четвртоодделенците Генти Садики и Суден Шехапи, додека трета награда освои Грела Зеќири, од второ одделение. Тројцата се од класата на наставникот Стефан Ристоски.
За настап на виолина со менторство на наставник Шкељзен Пајазити прво место освои Хана Абдулахи, од прва година средно училиште. Хана Абдулахи освои исто така прва награда на Меѓународниот натпревар „Сергеј Михајлов“ во Штип
Меѓународниот фестивал на Полихимниа е манифестација која традиционално се одржува шеста година по ред во втората половина од месец март низ концертните сали ширум главниот град. Учество земаат ученици и студенти од Република Северна Македонија, соседните земји, но и учесници од Европските земји. Oваа година ќе бидат застапени повеќе категории на инструменти за соло и камерна изведба (пијано, хармоника, дувачки инструменти, гудачки инструменти, гитара, соло пеење и камерна музика).
Во рамките на фестивалот ќе се одржи Меѓународен Натпревар Полихимниа 202, концерт, работилници и семинари за ученици и студенти, прогласување на Лауреати, доделување на концерт и парични награди од наградниот фонд на фестивалот и концерт на Лауреатите од минатогодишниот Меѓународен натпревар Полихимниа 2020.
A.C