Здружението за култура и уметност „Иљо Антески-Смок“ од Тетово денес одржа прес-конференција на која беа најавени сите активности кои ќе се одржат во текот на мај по повод јубилејот 100 години од основањето. Во периодот од 12 до 24 мај ќе се одржат пригодните активности.
-Ќе се одбележуваат „100 години години постоење, наследство, традиција, култура и уметност“ на Здружението за култура и уметност „Иљо Антески-Смок“ од Тетово како и традиционалната VII- Меѓународна културна манифестација „Денови на Иљо“. Првиот ден на 12 мај ќе биде свеченото отворање на двете манифестации во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“, во 19.30 часот. Во текот на десет дена активности ќе има концерти, промоции на книги, алманх со аформизми, фестивал на сатира, хумор и карикатура, положување цвеќе пред споменикот на Иљо Антески-Смок, изложба со фотографии, фолклорен фестивал како и дефиле на фолклорни групи, информираше Хаџи Милорад Ѓорѓевски, претседател на Здружението.
Покрај домаќините, ќе гостуваат ансамбли од повеќе градови како и од Албанија и Србија. Здружението за култура и уметност „Иљо Антески-Смок“ од Тетово е формирани во 1922 под името „Бинички“ кое во 1947 година е преименувано со сегашниот назив.