Сто и двајца планинари со ноќно планинарење се искачија на врвот Љуботен и таму го дочекаа изгревањето на сонцето во 5 часот и 30 минути, во организација на планинарскиот клуб „Јелак“. Искачувањето до врвот до 2.499 метри надморска височина го започнале околу 2 часот.
-Сите планинари што тргнаа успешно се искачија и вратија во планинарскиот дом Љуботен. Сите имаа челни ламби за осветлување за движењето по планина, како и дополнителни осветлувачки маркери за во раце. Најспектакуларно за ова традиционално искачување е дочекување на зората и изгревањето на сонцето, изјави Александар Стојановски Цули од ПК Јелак.
Над стоте планинари пристигнаа од Тетово, Скопје, Охрид, Битола и други градови во четвртото по ред ноќно искачување на врвот Љуботен на 2499 метри надморска височина.